Очекувам депозитите да продолжат да предничат како прво и основно решение за повеќето граѓани во процесот на управување со финансиските заштеди, меѓутоа сведоци сме во изминатите три-четири години дека има нови тенденции, посебно во делот на инвестициските фондови, каде во 2024 година има значителен раст, делумно поради раст на вредноста на фондовите поради раст на цените, вели Горан Марковски, извршен директор на КБ Инвест, во вечерашната Топ тема на Телма ТВ.
„Долгиот период на постоење на инвестициските фондови, доброто регулирање, резултатите кои што ги даваат во овој временски период беа причини кои што доведоа до зголемување на довербата кај инвеститорите и постепено вклучување и на овој тип на инвестициски алтернативни облици за вложување во делот на вкупните финансиски заштеди“, потенцира Марковски.











