22-годишен турски државјанин е убиен, а 23-годишен Турчин е тешко повреден од убод со нож на новогодишната ноќ во Старата скопска чаршија, информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Убиството и повредата се случиле за време на масовна тепачка меѓу странски државјани пред угостителски објект во Чаршијата еден час по полноќ. За убиството и ранувањето е осомничен друг странски државјанин кој е во бегство.
„Имаме едно лице коешто е починато, имаме едно лице коешто е тешко телесно повредено. Со остар нож се предизвикани и убиството и тешката телесна повреда. Имаме осомничено лице. Во интерес на истрагата не би можел да откријам повеќе детали. Моментално лицето е во бегство. Станува збор за поголем број на учесници во рамки на вчерашниот кривично правен настан. Сите до еден, согласно информациите коишто ги имам досега, се странски државјани“, вели Тошковски.











