Познато име кое беше дел и од фирмите опфатени со истраги за злоупотреби при набавки во енергетскиот сектор успеа да добие тендер од два милиони евра во МВР. Тендерот го доби компанијата Пацифик петролеум чиј сопственик Ерџан Сулкоски исто така е и сопственик во РКМ, која е дел од предистрагите за милионските набавки на мазут за ТЕЦ Неготино.
На крајот на ноември, МВР склучило договор за набавка на екстра лесно гориво за греење во вредност од околу 2 милиони евра. Фирмата со која е потпишан договорот е Пацифик петролеум, која е во сопственост на Ерџан Сулкоски, бизнисмен со потекло од Пласница, кој порано беше вработен во Пуцко, а сега е и сопственик во компанијата РКМ заедно со Ратко Капушевски.
Токму РКМ е дел од голема предистражна постапка во јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино во време на енергетската криза. Зделките на РКМ беа вредни десетици милиони евра, а по истражувањата на КОД и Телма,
Антикорупциска отвори постапка по што и упати иницијатива за кривично гонење на екс министерот Крешник Бектеши и и поранешниот директор на ЕСМ, сегашен бегалец Васко Ковачевски. Таа предистрага се уште е отворена, ни потврдија од обвинителството. Дел од предистрагата е РКМ во која сопственост има токму газдата на Пацифик Ерџан Сулкоски.
МВР го избрало Пацифик на Сулкоски како единствен понудувач и склучило договор во вредност од 118 милиони денари од кои 18 милиони денари се ДДВ. Набавката е склучена по тогашната цена од 68 денари за литар екстралесно гориво. Станува збор за рамковна спогодба која ќе трае наредните 3 години односно до ноември 2027-ма.
Пацифик на Сулкоски бил избран од МВР за да им набавува екстра лесно гориво во вредност од речиси 2 милиони евра иако во 2023-та истата фирма имала речиси 5 пати помал приход на годишно ниво, односно продале гориво во вредност од околу 425 илјади евра. Во јавно достапните бази на податоци се гледа дека МВР не се единствени клиенти на Пацифик петролеум и дека фирмата на Сулкоски во последните неколку месеци пред и за време на грејната сезона склучиле 83 договори со државни и општински институции за набавка на екстра лесно и на гориво за возила.
Миомир Серафиновиќ











