Ниту преседан, ниту упад. Премиерот Мицкоски не смета дека се меша во судската власт, со тоа што најави протести против членовите на Судскиот совет, ако не си дадат оставка по интерпелацијата.
Но, цврсто стои на ставот дека тој од првите редови ќе го води народот ако се протестира за судиите избрани од Собранието, а на кои пратениците пред неколку дена им изгласаа недоверба.
„Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи“ кажа вчера премиерот во интервју на Канал 5.
А, денеска со поблаг тон, но со истата идеја се дообјасни пред камерите на медиумите.
Видете, јас не мислам дека ова е преседан, не мислам дека вршам упад. Гледаме дека поединци од таму тераат инает, мислат дека со инает ќе успеат нешто да направат. Јас сум постојано со народот и го слушам народот како реагира. И јас само сакам да кажам дека доколку не постапат соодветно на одлуката на тие коишто ги бираат, се плашам дека може да им се случи народ, да се самоорганизира и да протестира затоа што народот е желен за правда, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија.
Мицкоски денеска „на тапет“ го стави и изборот на в.д. претседателот на Врховен суд бидејќи е ставен „човек од кожната фотелја од штабот на ДУИ“. Ова се однесува на судијата Џемали Саити, кој пред неколку дена беше назначен на функцијата од страна на Судскиот совет.
Инаку, додека се чека одлуката на петмината членови на Судскиот совет откако Мицкоски ги повика да се повлечат, во најава се и други интерпелации – но, тие од страна на опозицијата.
Европскиот фронт предводен од ДУИ, токму на седницата за интерпелација на петмината судии од советот, порачаа дека по истиот принцип ќе бараат гласање недоверба и за уставните судии, затоа што ценат дека веќе се поткопани темелите на демократијата.
На ова и другите актуелни прашања се осврна денеска и претседателот на Уставен суд. Никој нема повеќе права од правата што ги дава Уставот, дециден беше Костадиновски.
На студент по право му е јасно дека интерпелација не може да се употреби на уставните судии, тоа би бил распад на уставниот поредок. За Судскиот совет, личен став е дека е неспорно правото на законодавецот да нормира, но неспорно е дека интерпелацијата е уставна категорија. Овие пет членови не се судски, избрани се од Собранието и тука завршува таа контрола, е ставот на Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд на РС. Македонија.
Околу другите прашања поврзани со правосудството, претседателот на Уставен заклучува дека постојат дилеми и за постапувањето на Собранието, но сепак Уставот е над сѐ и не е толку тешко да се толкува истиот.
Петар Догов











