Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Девојки тепаат соученичка среде бел ден- нов случај на меѓуврсничко насилство, потребно е навреме да реагираат надлежните, велат психолозите

/

пред 980 дена

Сподели преку :

Вознемирувачки настан се случи во центарот на Скопје, кога 15 годишна средношколка  е брутално претепана од две врснички. Во  видеото  од тепачката што го објави Слободен печат,  на почетокот се гледа како три девојки разговараат, а четвртата стои покрај нив.

Потоа почнува вербална расправија со пцовки и погрдни зборови, за по неколку моменти да премине во физички напад  со жестоки  удари  и влечење за коса. Додека трае тепачката наоколу дел од соучениците навиваат и снимаат со мобилни телефони, а едно момче ја извлекува девојката од толпата.

Настанот, според Слободен печат е пријавен во полиција, а девојката после тепачката се здобила со повреди на главата и телото и колабирала пред училишната зграда.

Овие брутални тепачки меѓу учениците  не се изолирани случаи, врсничкото насилство е секојдневна појава, не само во училиштата туку и надвор од нив, велат училишните психолози. Се поизразен е и сајбер булингот,  а психолозите апелираат,  секој вид на насилство да се пријавува.

  • Секој може да биде жртви на насилство. Она што е важно навреме да се детектира, да се реагира доколку забележиме случај на врсничко насилство, да се интервенира да  не се минимизараат последиците и навремено да се даде психолошка поддршка на жртвите од врсничко насилство, вели во изјава по телефон,  психологот Марија Младеновска – Димитровска.

Насилниците најчесто се деца од дисфункционални семејства или семејства каде насилството се користи како начин на воспитување.

  • Често пати насилниците и сами доживувале насилство и подоцна тоа го манифестираат врз други лица кои ги избираат за жртви на кои  ја изразуваат својата акумулирана агресија, бес и гнев кои не можеле да ги изразат врз оние личности врз кои што требало. Затоа треба психолошка помош и на самите насилници,  вели психологот Младеновска- Димитровска.

Но, според Младеновска Димитровска исклулително значаен фактор при врсничкото насилство, е и публиката, која наместо да навива и да се потсмева,  може да го спречи насилството

  • Таа публика може да е навивачка и пасивна и да не презема ништо, со што и таа е  дел од тријаголникот на насилство. Често пати апелираме и на таа трета страна, публиката која е важна за превенција на насилството,  вели Младеновска- Димитровска.

Училишните психолози велат дека во училиштата се организираат предавања, работилници и проекти  за  едукација и подигање на свеста и превенција  на насилството, во кои се вклучени, наставниците, учениците, но   родителите, но сепак борбата со врсничкото насилство е тежок и долготраен процес.

Јавен обвинител од Одделението за малолетни сторители на кривични дела при Основното јавно обвинителство -Скопје е известен за случајот. И дадени се насоки за постапување.

Емилија Мисирлиевски