Од обвинителството одговорија на прашањата на Телма дали побарале ограничување на пристапот на пратениците од надзорната комисија до класифицираните документи на АНБ за случајот со сомнежи за незаконско следење на јавни личности.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое ја води истрагата велат дека „обвинителството нема надлежност да се меша во работата на надзорната комисија, ниту да бара ограничување на нејзиното работење“.
Прашањето беше упатено откако пратениците при надзорот на АНБ не добија увид во спорните документи со објаснување дека обвинителството води постапка по нив. Обвинителството посочи дека врши увид во документација и во контекст на нивната постапка напоменува дека „сите институции треба да ја имаат предвид тајноста на предистражната постапка и да постапуваат согласно закон, без притоа да ја нарушат истата.“
Во продолжение прашањата и одговорот на ОЈОГОКК:
Прашање на Телма: Може ли да ни одговорите дали документите на АНБ за кои раководството на Агенцијата тврди дека содржат злоупотреби со следење се преземени од ЈО и дали е дадена насока тие документи да не бидат покажувани на наздорната комисија и на никој друг поради тековниот истражен процес. До каде е истрагата за случајот со овие злоупотреби?
Одговор на Обвинителство: ОЈО ГОКК врши увид во документација. Обвинителството нема надлежност да се меша во работата на надзорната комисија, ниту да бара ограничување на нејзиното работење. Во контекст на ова напоменуваме дека сите институции треба да ја имаат предвид тајноста на предистражната постапка и да постапуваат согласно закон, без притоа да ја нарушат истата.
Миомир Серафиновиќ











