Општина Валандово почна да копа нови бушотини за водоснабдување на Казандол.
По сторијата на Телма дека жителите на ова населено место се дваесет дена без вода, локалната власт денеска почна со подготвки на теренот за барање нови извори на вода.
Селото Казандол остана без елементарни услови за живот среде лето, на температури од 40 степени Целзиусови.
Повеќе од триста жители, но и околу 3000 грла овци, кози и говеда три седмици беа без капка вода. Мештаните беа принудени да носат вода од полето со големи буриња и канистри.
Жителите обвинуваа дека општината е глува за нивното барање да се бара нов извор за селскиот водовод со кој во иднина ќе стопанисува комуналното претпријатие на Валандово. Тие досега пиеја вода од сопствена бушотина која беше правена од приватна донација.
Општината не одговори на прашањата на Телма како планираат да го решат проблемот и зошто селото било оставено толку време без вода.
Но, по јавниот притисок, денеска во селото трипати доаѓала и цистерна за граѓаните да ги снабдат своите домаќинства со вода.
Жителите се надеваат дека проблемот наскоро ќе се реши и ќе добијат чиста и бебедна вода од нови извори.
Сузана Мицева











