Граничен полицаец е суспендиран и доби кривична пријава за поткуп поради тоа што преку границата кон Албанија пропуштил украден автомобил. МВР соопшти дека Д.С., полицаец на граничниот премин Ќафасан го сторил делото на почетокот на април.
Осомничениот полицаец, во тој период, „преку социјална мрежа започнал комуникација со едно лице, при што директно побарал парични средства за себе за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши“. Договорил на 5-ти април, кога бил на смена на Ќафасан да го пропушти возилото и возачот иако автомобилот не е во сопственост на возачот. Тој не поседувал ниту полномошно, а возилото било пријавено дека и украдено и така било заведено на „стоп листата“ во системот за контрола на патници и возила.
МВР не соопшти колку изнесувало митото. Во тек е и постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина, а на полицаецот осомничен за мито му е изречена и суспензија од работното место.
Во продолжение, соопштението на МВР: Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против Д.С. поради постоење основи на сомнение основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик.
Пријавениот, на работно место полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Ќафасан, преку социјална мрежа започнал комуникација со едно лице, при што директно побарал парични средства за себе за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши, односно договорил на 05.04.2026, додека извршувал работни задачи на граничниот премин, на излез од државата да го пропушти лицето и патничкото моторно возило, кое го управувал, иако не е негова сопственост, не поседувал полномошно и возилото евидира како украдено на „стоп листата“ во системот за контрола на патници и возила.
Одделот за внатрешна контрола против Д.С. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка – отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.











