Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Посака брзо укинување на тајната служба на која денеска и стана директор. Бојан Христовски е нов директор на АНБ, владата тврди- од лани не е член на ВМРО-ДПМНЕ

/

пред 742 дена

Сподели преку :

Тајната служба доби нов директор- до лани бил во ВМРО-ДПМНЕ, сега ќе се грижи за националната безбедност.

За првпат денеска влезе во седиштето на Агенцијата за национална безбедност и прво вработување во АНБ му е директор. Но, Бојан Христовски не е непознато лице и има искуство во безбедносниот сектор, но и политичка кариера, а досега бил и директор иако во поинаква служба во скопскиот Градски паркинг.

Пред 40-тина дена, Христовски и посака брза „смрт“ на Агенцијата на која денеска стана директор.

-Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност!

Шупливите темели на формирањето на новата Агенција во старт го зацртаа и краткиот рок на траење!, стои во ФБ СТАТУС НА НОВИОТ ДИРЕКТОР НА АНБ ХРИСТОВСКИ, СПОДЕЛЕН НА  01.09.2024.

На фејсбук Христовски споделува и активности на министри, но од владата тврдат дека тој не е веќе член на ВМРО-ДПМНЕ и дека одлуката за него е донесена законски и по темелни анализи.

-Бојан Христовски од 2023-та по неговото враќање во МВР има поднесена оставка и не е член на партија така што тука се е во рамки на законските одредби. Во однос на работното искуство кое е услов за преземањето на именуваната позиција Бојан Христовски има 18-годишно работно искуство од кои 10 години раководно искуство во областа, а согласно законските одредби за оваа позиција потребно е 5 годишно раководно искуство, ни одговори Марија Митева, портпаролката на Владата. 

Опозицијата пак смета дека ова значи партизација и враќање на старото време на озлогласената УБК водена од Мијалков кога тајните служби биле користени за прислушување, следење, но и дискредитирање, уценување и малтретирање на политичките противници и сите други неистомисленици на ВМРО-ДПМНЕ.

-АНБ во изминатите години се реформираше и професионализираше, а со овој чин власта на Мицкоски врши сериозен удар и врз професионализмот и врз безбедноста. Сега Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што спроведуваат опасна партизација, ги загрозуваат стандардите на професионализмот, туку ја доведува во прашање и безбедноста на државата, изјави Миле Талески, пратеник и претседател на собраниската комисија за надзор врз мерките на следење на комуникациите. 

Христовски е поранешен припадник на УБК. Му беше одземен безбедносниот сертификат и не се префрли во новата АНБ. Самиот објави дека образложение за одземање на сертификатот било учество на неговиот татко во протестите против Преспанскиот договор и сомнежи за руско влијание Ги негираше обвинувањата како измислици на тогашната власт.

Преку тужба на Управен суд, Христовски си го доби сертификатот и се вработи во МВР. Во меѓувреме, беше претседател на скопскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и член на централниот партиски комитет. Кратко беше директор на скопски Паркинг.

Се врати во безбедносниот сектор преку вратен безбедносен сертификат поради што и Мицкоски тврди дека станува збор за злоупотерби на претходната власт.

-И нормално, преку таа неправда што му беше нанесена на Бојан Христовски, во прво време не му беше издаден таков безбедносен сертификат. Беше констатирана злоупотребата на дел од раководството, пред сè на АНБ. Затоа во периодот што следува, јавноста ќе биде запознаена за многу работи, а богами и за АНБ – како се злоупотребувало за партиски и лични цели, изјави премиерот Христијан Мицкоски. 

Од СДСМ пак го прашуваат премиерот како Христовски воопшто ја поминал безбедносната проверка која е потребна за да се стане директор на АНБ.

Нема никакви информации зошто на половина законски пропишано време му е прекинат мандатот на досегашниот директор Зарко Милошевски, дали по лично барање или поради злоупотреба.

АНБ беше формирана во 2019-та, првиот директор Виктор Димовски беше разрешен поради упатување на друга функција (веднаш по случајот Онишченко), а ниту Милошевски не го заврши мандатот.

Миомир Серафиновиќ