Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска изјави дека Владата побарала внатрешна истрага за случајот „Онишченко“ и дека ќе има одговорност за виновниците. има последици за овој случај.
– Несомнено, тоа е сериозен инцидент кој треба да не поттикне сите да почнеме да размислуваме каде имаме слаби точки и да преземеме мерки и тоа треба да го направиме заедно со меѓународните партнери. Владата побара внатрешна истрага. Во моментот кога истрагата ќе има резултати, мислам дека дефинитивно треба да има мерки за одговорните, истакна Османи одговарајќи на прашање за доделувањето македонско државјанство и пасош на Украинецот Олександар Онишченко, кој е на црната листа на САД.
Османи изрази жалење за тоа што се случи, а одговорност бара и премиерот Димитар Ковачевски.
Директорот на АНБ Виктор Димовски на реферирањето пред собраниската надзорна комисија изјавил дека грешката е лоцирана во еден вработен во одделот за стратешка соработка на тајната служба, кој според Димовски се потпишал дека извршил консултации со пријателските служби од партнерските држави од НАТО, иако не ја завршил проверката.
Потоа со потпис на Димовски, позитивното мислење е препратено до владата која го усвоила и во јуни му доделила државјанство кога Онишченко по брза постапка си извадил и пасош.
Во вечерашната емисија на КОД (21.11.2022.) објавени се и сознанијата дека Онишченко се обидувал да отвори фирма во Македонија за трговија со енергенси.











