Руиниран, без прозорци и врати, со ѓубре како на депонија, вака изгледа општествен стан во зграда на улицата Димче Лахчански во Битола. Станот е напуштен, во него не живее никој, па е сврталиште на бездомници и зависници. Деновиве по втор пат изби пожар, најпрво се запали сметот под балконот, потоа огнот се прошири во внатрешноста , а пламените јазици направија штета и на станот на погорниот кат. Соседите со години бараат АД за станбен и деловен простор кое стопанисува со станот да најде решение за овој проблем.
-АД не реагира, покрај сите молби, барања, петиции никој не реагира, не си ја презема одговорноста, а штетата трпиме ние, по вторпат имаме штета. Првиот пат се подигна паркетот, ролетни изгореа, внатре се исчадено беше. Сега повторно имаме штета, внатре не се влегува, вели сосетка.
Станарите се жалат дека поради ваквата негрижа на надлежните во опасност е цела зграда
-Треба малку грижа или совест. Дали малку семејства има без кров на глава? Нека се санира и нека му го дадата на некој, благодарен ќе биде. Но, да си сопственик на нешто и малку грижа да не посветиш, е несфатливо, велат соседите.
Од АД за изградба и стопанисување на станбен и деловен простор велат дека пожарот настанал во заедничкиот двор на зградата за чие одржување се одговорни сите станари.
„Станот со кој стопанисува Друштвото во изминатиот период претрпе големи оштетувања од страна на претходните станари, но процесот на санација се пролонгираше поради технички причини. Постапката е веќе започната и во најкус можен рок ќе отпочне расчистување и реконструкција“, одговорија од АДИССДП.
Увид изврши и битолската полиција од каде велат дека од пожарот оштетени се два стана, а нема повредени лица.
Емилија Мисирлиевска











