Извршниот директор на Преспа институт, Андреја Стојковски во Топ Тема, оцени дека владината комуникација околу Реформската агенда „кикснала“, бидејќи резултатите не ја оправдуваат позитивната реторика.
„На ниво на сите мерки досега не сме најдобри како што може да се види и тука ПР-от киксна затоа што никогаш не може да ја стави споредбата“, рече Стојковски.
Според него, Реформската агенда е единствениот активен процес во моментов, но и таму недостигаат конкретни резултати.
„Во услови кога единствениот жив процес е реформската агенда, јас не гледам на што друго може да се фокусира Владата. Но ако тука немаме резултати, тогаш се гледа дека немаме доволно апетит“, истакна Стојковски.
Тој додаде дека државата се „врти во круг“ и дека наместо суштински реформи, фокусот е ставен на краткорочни и „шминкерски“ решенија.
„Мислам дека немаме јасна стратегија што сакаме, се вртиме во круг со лутење со соседите“, рече Стојковски.











