Што очекуваат жените, а што подаруваат мажите. Најмногу одговори доби цвеќето и на двете прашања, покажува изјаснувањето на следбениците на инстаграм профилот на Телма во анкета спроведена на почеток на неделата. На 4 прашања им понудивме по 4 одговори, а ги прашавме граѓаните за 8-ми март.
На инстаграм профилот на Телма, секоја недела преку објави на Story правиме мини истражувања за актуелни теми и го мериме пулсот на граѓаните. На анкетните прашања одговараат следбениците (followers) на инстаграм профилот на Телма, како и сите оние кои го посетуваат профилот. Напоменуваме дека не станува збор за репрезентативна анкета туку за интерно истражување од заинтересираните следбеници на IG профилот.
Мажите сакаат да подаруваат најмногу цвеќе (73 одговори или 59%). Излегување во кафеана е втор подарок кој мажите сметаат дека е добар за 8-ми март. Потоа следуваат „шасовник и парфем“ и „викенд во спа“.

Прв одговор на прашањето Што очекуваат жените за 8-ми март е цвеќето, но со помал процент (39% или 49 одговори), но се оечкува и „романтична вечера“ (32% од гласовите). „Слободен викенд со другарките“ и „нова чанта“ добија по 18 гласови.

Додека 14% од оние што гласале сметаат дека „Жените сами треба да одлучат како да слават“, на прашањето „како се слави 8-ми март кај нас“, поголем дел од одговорите е „пренагласено, во кафеана“ (40% односно 55 гласови).

На прашањето за какви се „Правата на жените и девојките кај нас“, дури 50 анкетирани (41%) одговориле дека се доволни, што навестува дека сметаат дека нема потреба од напредок на ова поле, но и преку одговорот потврдуваат дека и нема еднаквост на мажите со жените. Речиси сите се мажи кои дале ваков одговор иако има и неколку жени со исто мислење.
„Често не се почитуваат и се цел на навреди“ е на второ место и одговор кој го дале третина од следбениците на IG профилот на Телма. Потоа следуваат одговорите дека правата на жените „не се соодветни на улогата на жената (во општеството)“ со 17 гласа, а 14 гласале дека жените и девојките во Македонија „се под закана и треба поголеми права“.

Напоменуваме дека не станува збор за репрезентативна анкета туку за интерно истражување од заинтересираните следбеници и посетители на Instagram профилот на ТВ Телма. Анкетата беше спроведена во рок од 24 часа меѓу недела (02.03.2025.) и понеделник (03.03.2025.).











