Македонија е побезбедна земја од порано и од пред две години, тврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во петокот и саботата во Македонија се случија две убиства со тројца убиени и еден извршител кој се самоуби во Прилеп. За случајот во Батинци кога беше убиен офицер на АРМ од страна на Муса Џавит, криминалец по кого имало распишана потерница за веќе извршено убиство и пропадната акција за негово апсење, Тошковски вели расчистено е и се трага по осомничениот убиец.
Полицијата соопшти дека осомничениот ја принудувал ќерката на убиениот да се омажи за него и кога го дознал конечното „не“ за заканувачката брачна понуда ги начекал двајцата и го застрелал таткото. Оттогаш е во бегство, ново, а нема прецизни детали за тоа каде се крие.
-МВР го расветли случајот од аспект на сторител и преземени дејствија. Во тек е постапка за идентификување на локацијата на сторителот. Не би сакал да навлегувам во повеќе детали, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Ден подоцна се случи двојно убиство во Прилеп. Првите истрели се слушнале околу 15 часот, а полицијата излегла 6 часови подоцна на терен бидејќи тогаш добила пријава. Убиецот пред да се самоуби фрли бомба кон полицајците која не експлодира и пукаше кон нив.
И тој случај се води како расветлен, а Тошковски тврди дека не се точни обвинувањата дека државата не е безбедна.
-Македонија е денес далеку побезбедна отколку што беше пред две години. За тоа говорат бројките, граѓаните и фактите. Нормално е опозицијата да обвинува, тоа е нивна работа, но би било добро тоа да биде со реална споредба, изјави Тошковски.
Според анализите на МВР, бројот на насилни кривични дела е намален, а спроведени се и повеќе акции за разбивање на криминалните групи пред се во Скопје.
Миомир Серафиновиќ











