За два до три дена, семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека ќе добијат по 150 илјади денари, информираат од Црвениот крст на Македонија. Во акцијата, спроведена преку телефонскиот број 143300 на трите оператори и преку онлајн уплати, од граѓани, државни институции, компании и локалната самоуправа, Црвениот крст собрал над 54 милиони денари. Во првата фаза ќе бидат префрлени 36 милиони денари на семејствата. Собрани се податоците на починатите во несреќата. До крајот на денот се очекува да се комплетираат податоците и за лицата што се лекуваат во странство и останува да се соберат изјави од семејствата на повредените, што се на лекување дома. Од Црвениот крст бараат разбирање од граѓаните за темпото на исплатите, зашто, како што рекоа, работат согласно Законот за заштита на личните податоци, за да не бидат казнети.
- За да користиме матичен број и трансакциска сметка и за да можеме да ги користиме нив , потребна е писмена изјава на лицата, односно на лицето кое го дава тој податок за понатамошно користење . Од тие причини се тие подготовки што ги нарекуваме интензивни, кажа Саит Саити , генерален секретар на Црвениот крст на Македонија.
За онлајн акцијата „ Support Kocani“, Саити кажа дека Црвениот крст не се осудува да објавува лични податоци на граѓани, за да не бидат злоупотребени. А, поради големиот интерес за донирање, телефоните ќе бидат активни уште десетина дена.
Според генералниот секретар на Црвениот крст, продолжуваат да работат на терен, а сега примарна е психолошката помош. Таа ќе продолжи за учениците следниве 60 дена во училиштата во Кочани, кочанско и во Штип, во соработка со МОН и локалната самоуправа.
Сотир Трајков











