Вашето место е во Европската Унија, но може да одиграте многу важна улога и да послужите како пример на целиот регион на Западен Балкан во евроинтеграции, порача францускиот претседател Емануел Макрон кој попладнево пристигна во втора посета на Србија, по јули во 2019 година.
„Многу нешта се случија во последните пет години. Имаме многу тензии. Војната се врати на европскиот континент, со агресијата на Русија против Украина. Со сите прашања кои си ги поставуваме, па и сомнежи кои не обземаат, мојата порака е едноставна. На Европската Унија и на нејзините земји членки во овој контекст им е потребна силна и демократска Србија. А, на Србија и е потребна силна и суверена Европска Унија за да ги брани нејзините интереси. Местото на Србија е во Европската Унија и таа може да одигра многу важна улога и да послужи како пример на целиот регион на Западен Балкан. И ние сме одлучни и натаму да даваме поддршка на сите напори кои се неопходни, како во областа на економијата, така и во подобрување на владеење на правото и на секојдневниот живот. Би сакал да се оствари напредок во преговорите и набрзо да се стекнат услови за отворање на нов кластер, нов блок на преговарачки поглавја“, изјави Макрон на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, српскиот претседател Александар Вучиќ во Палата Србија.











