14-годишен малолетник од Гостивар, извршил обљуба врз неговата 13 годишна сестра. Тој бил уапсен вчера изутрина по пријава дека полово ја вознемирувал и извршил полови дејствија над неговата малолетна сестра.
Тој подолг временски период испраќал пораки со непристојна и експлицитна содржина на сестрата, а кога родителите не биле дома, два пати извршил обљуба односно против нејзината волја ја принудил на сексуални односи.
Во службен разговор во присуство на претставници од Меѓуопштински центар за социјални работи Гостивар, малолетничката појаснила дека вознемирувањето започнало пред околу една година преку пораки со непристојна содржина, а подоцна продолжило со физички допири и обиди за присилување на сексуални односи. Според исказот, пред три месеци, малолетникот со употреба на физичка сила извршил полово дејствие врз неа.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Барање за поведување подготвителна постапка со предлог за определување мерка притвор за 14-годишно дете.
Детето е осомничено за продолжено кривично дело – Родосквернавење.
„Детето во судир со законот, во февруари 2026 година во два наврати го искористил отсуството на родителите и извршил обљуба врз неговата 13-годишна сестра. Малолетниот брат подолг временски период испраќал пораки со непристојна и експлицитна содржина на жртвата, а во два наврати против нејзината волја ја принудил на сексуални односи.
Имајќи ги предвид законските основи и особено потребата од заштита на жртвата, јавниот обвинител достави и посебен предлог за определување мерка притвор за детето во судир со законот“, соопштија од Обвинителството.
Малолетничката е предадена на грижа на Центарот за социјални работи Гостивар за понатамошна заштита и постапување. Малолетникот е изведен пред судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор од 30 дена, по што е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката.











