Русија синоќа го изврши еден од најголемите воздушни напади врз Украина во последно време, пренесуваат украинските медиуми, повикувајќи се на извори во украинската армија и додаваат дека нападот бил насочен кон критичната инфраструктура во неколку региони.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека нивната противвоздушна одбрана соборила дури 81 руска воздушна цел, и тоа 30 крстосувачки ракети Kh-101 и Kh-555, четири крстосувачки ракети Калибр, една крстосувачка ракета Искандер-К и 46 борбени дронови од иранско производство од типовите Шахед-161 и Шахед-136.
Украинската воздушна одбрана соборила 35 од 53 руски ракети и 46 од 47 руски дронови, соопшти командантот на воздухопловните сили.
Во нападот се оштетени енергетски објекти во пет региони ширум Украина. Украинскиот национален оператор на мрежа „Укренерго“ соопшти дека нападот оштетил енергетски објекти во источен Доњецк, југоисточен Запорожје и Дњепропетровск, централниот регион Кировоград и регионот Ивано-Франковск на запад.
„Утрово Русите извршија уште еден напад врз украинските енергетски капацитети. Од март ова е веќе шести масивен, комплексен напад со ракети и дронови врз цивилна енергетска инфраструктура“, соопшти Укренерго.
Полската авијација во текот на ноќта подигна авиони поради активностите на руската авијација со долг дострел на територијата на Украина, соопшти оперативната команда на вооружените сили на земјата.
„Тоа беше долга и напорна ноќ за целиот систем за воздушна одбрана на Полска“, се вели во соопштението објавено на X.
Се додава дека подоцна, поради намалување на нивото на опасност од ракетните напади на руските авиони на територијата на Украина, активностите на полската и сојузничката авијација во полскиот воздушен простор биле прекинати, а силите и средствата се вратиле во нормални активности.
Се истакнува и дека полската армија постојано ја следи ситуацијата на територијата на Украина и е во постојана готовност поради безбедноста на полскиот воздушен простор.
Киев соопшти дека рано утринава руските сили нападнале енергетски објекти во пет региони на Украина со повеќе од 100 проектили и дронови.











