Недостасува кадар и сѐ повеќе нема кој да ги лечи пациентите. Докторите бегаат или во странство или во приватните болници.
За ова алармираат матичните лекари и испраќаат порака до здравствените власти, да се зафатат посериозно со долгорочни политики.
Претседателката на Здружението на приватни лекари, Чолакова, порача дека критично се намалува бројот на матични педијатри на терен.
Нема сали, нема кадар, нема апарати. Вели, ниту за најситни и најрутински интервенции, не е сигурно дека секаде може да се добие здравствена нега и грижа.
„Алармиравме дека ќе останат 13 матични педијатри до следната година на терен, на ниво на примарното здравство. Огромен е бројот на болници каде што нема анестезиолози и има хирурзи, а како тие би функционирале едни без други?! Има и болници каде што е обратна ситуацијата – има сали, нема кадар, или има кадар, а нема апарати. Целокупната состојба којашто е многу тешка за нашите пациенти, а и за нас како здравствени работници е навистина загрижувачка.“ – вели претседателката на здружението на приватни лекари, д-р Лидија Чолакова – Дервишова.
Работна група во рамки на министерството се занимава токму со проблемите во здравствената заштита на примарно ниво. Таму има претставници и од фондот, коморите, но и од Здружението на матични лекари, со кое претседава Чолакова-Дервишова.
Од Здравство, во одговор за Телма тврдат дека се вложува во нова и современа апаратура и опрема за болниците. Велат, има план и за зајакнување на специјалистичките дејности.
„Со Програмата за специјализации за 2022 година која е во тек, предвидено е зајакнување со специјалисти од повеќе области меѓу кои и педијатрија, гинекологија, анестезиологија, офталмологија, ревматологија, кардиологија, ортопедија, и други специјалности.“ – реагираат од Министерството за здравство.
Проблемот со специјалисти, од Здружението на приватни лекари сметаат дека може да се реши ако се забрза периодот на специјализација и да се скрати времето од шест години, колку што сега им се потребни на младите доктори. За оваа теза се залага доктор Чолакова-Дервишова, без да даде појасна слика дали така ќе изгуби на квалитет докторската фела.
Петар Догов











