10 мај беше крајниот рок до кој премиерот требаше да се изјасни за предлогот на опозицискиот лидер, за средба на која ќе договорат предвремени избори. Социјалдемократите веднаш го одбија, а во таков случај, Мицкоски најави „сериозни и досега непреземени чекори“.
Мицкоски предлага и четири тима од ВМРО-ДПМНЕ, составени од луѓе со искуство во областите – економија, надворешна политика, здравство и образование, каде во моментов има акутни проблеми, да работат со тимови во власта во меѓупериодот до изборите. Би работеле бесплатно и без никакви привилегии, за како што вели, да и помогнат на државата, која е пред банкрот, а е најавено ново задолжување од 900 милиони евра, за да се покријат дупки во буџетот. Критикуваше и за состојбите во здравството и штрајкот во образованието, а на прашањето, зошто кога неговата партија беше на власт не ги покачи платите на наставниците, одговори дека ја платиле цената за тоа и веќе петта година се во опозиција.
За преговорите со Бугарија, вели дека е „неприфатливо да се дозволува соседните држави да се мешаат во нашите внатрешни работи. Најави дека, нема да поддржат отворање на Уставот, со цел, дел од бугарскиот народ да биде вклучен во преамбулата, без претходни писмени гаранции за историјата и македонскиот јазик, без вештачки фусноти за посебноста и културната различност на македонскиот народ.
Социјалдемократите веднаш ја одбија понудата и за вонредни избори и за тимови за помош.
Мицкоски, велат, не треба да нуди неспособни тимови, составени од соработници на Груевски и лица против кои се водат судски процеси. Доволно е да имаат свест и доблест, да не и` отежнуваат на владата која трета година се бори со економска криза.
Далиборка Дамјанска Цветановска











