Премиерот Христијан Мицкоски во новогодишното обраќање порача дека 2026 година ќе биде година на раздвижување и преобразба, во која ќе станат видливи резултатите од започнатите реформи. Тој оцени дека изминатиот период бил посветен на стабилизација на државата и зајакнување на институциите по долг период на несигурност.
„Работевме тивко, системски и одговорно, поставувајќи темели и носејќи тешки, но исправни одлуки“, истакна Мицкоски.
Според него, фокусот бил ставен на владеење на правото и еднаквост пред законот, со длабински реформи чија реализација бара време. 2025 година ја опиша како година на подготовка, а 2026 како период на конкретни и мерливи резултати.
Премиерот најави економски раст преку инфраструктурни проекти, инвестиции и поддршка на стопанството, нагласувајќи ја потребата од политичка стабилност и поефикасни институции. На крајот, тој им посака на граѓаните здравје и мир, со порака дека напорната работа ќе донесе напредок за државата.











