Законот за заштита од пушење или по ново Закон за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи е во финална фаза. Во вторник треба да ги помине последните владини процедури и да пристигне во собранието на гласање. Иако првично беше најавен како многу ригорозен, по пат имаше одредени отстапки. Прво им се попушти на угостителите и наместо тераси отворени од три страни, се донесе решение да бидат од две, но тоа ќе важи за една година од сега.. Владата се откажа и од првичната замисла да ги забрани за увоз сите ароматизирани вкусови. Сепак, на сила ќе биде забраната за сите затворени простори.
„Верувајте ми, инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата. Ова го повторувам, на целата територија на државата. Нема да има повластени региони, градови, населени места, итн. Каде што нема да се почитува законот, и за ова јас ви гарантирам и тука, ќе нема никаков пардон“, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Законот нема да забрани производство, увоз, извоз или продажба на тутунски производи и електронски уреди, но ќе ја регулира нивната употреба. Па така, ќе бидат забранети рекламите и изложувањето на овие производи. Чад не смее да се види ниту пред здравствени и образовни институции, а пушачите ќе можат да пушат најмалку 20 метри подалеку. Забрана ќе има и за пушење во автомобил во присуство на дете, на автобуски и на железнички станици, на пазари, како и во низа други институции и јавни простори.
„Тутунот кај нас е поврзан со, за жал, кај нас со 3.600 смртни случаи годишно, односно околу 13% од сите смртни случаи во државата. Економската загуба се проценува на 38 милијарди денари во државата, односно над 600 милиони евра годишно, што претставува околу 5,16 проценти од БДП кои што се третираат овие граѓани“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Новиот закон предвидува забрана за употреба и на традиционални тутунски производи и на електронски уреди, вејпови и слично во угостителски објекти кои не се целосно отворени од најмалку две страни. По изгласувањето, законот веднаш ќе стапи на сила и ќе важи за сите. Само угостителите ќе имаат 12 месечен период на прилагодување.
„Благодарност до премиерот и министерот за здравство за инклузивниот и партнерски пристап во самото креирање на законот, како и за фазната имплементација, односно т.н. едногодишен грејс период во кој што ние како угостителски сектор ќе имаме можност да ги преадаптираме нашите тераси, согласно новите законски решенија, со цел нашиот сектор да претрпи колку е можно помали еконосмки последици“, рече Перица Голомеиќ, претседател на туристичко-угостителска комора при ССК.
Од тутунската индустрија и денеска го повторија ставот дека се на страна на заштитата на јавното здравје, но сметаат дека дијалогот треба да продолжи, со цел да се одржи баланс меѓу јавно здравствените приоритети, економската одржливост и усогласеноста со современите економски практики.
„Согласно нашите искуства, прекумерната регулација и делумност на ограничувањето на трговијата можат да резултира со раст на нелегалната трговија и во овој контекст треба да се разгледуваат позитивните искуства на дел од членките не ЕУ“, посочи Васко Ристовски од Стопанската комора.
Дали се почитува законот, во проверка на терен ќе бидат задолжени 14 надзорни органи. Предлог-законот првично беше најавен да почне да се применува од 1 март, но беше одложен поради реакции и забелешки од угостителите и тутунската индустрија. По неколку месеци разговори, тие постигнаа договор со Министерството за здравство, а денеска сите заедно се собраа во Владата и одржаа заедничка прес-конференција.
Симона Петровска











