Опозицијата одбројува денови и го обвинува премиерот Мицкоски за свесно закочување на реформскиот пат. Од власта со контра обвинување до лидерот на СДСМ, Филипче, на кого му го доделуваат епитетот „специјален бугарски пратеник“.
Од двата табора и денеска продолжија со препукувањата за евроинтеграциите. Социјалдемократите се на став дека власта ја замајува јавноста за реформската агенда, додека земјата тапка во место.
„Пет дена до уште едно неисполнето ветување и уште една голема лага. За две години непотполно завршија 2 точки, а сега наеднаш ќе ги завршат сите 10. Наместо да ја обвинува ЕУ дека го загрозува македонскиот идентитет, нека ги внесе малцинствата во Уставот. Или нека излезе Мицкоски пред граѓаните да признае дека не сака членство во ЕУ, затоа што се плаши од европските правила, европското обвинителство затоа што тоа ќе значи одговорност“, се вели во соопштението на СДСМ.
За СДСМ, уставните измени за внесување на малцинствата се клучниот чекор за продолжување на европскиот пат. Но, власта во тој услов го препознава само првиот чекор во понатамошниот тек на евроинтеграцијата.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се на став дека со внесување на Бугарите во Уставот, всушност започнуваат серија други барања од бугарските власти, кои се однесуваат на македонскиот јазик, историја, култура и идентитет.
„На Бугарија и Румен Радев не им е само до внесување на 2-3 илјади луѓе во Уставот на Македонија кои се чувствуваат како Бугари, напротив тие сакаат комплетно да ја редефинираат македонската историја, македонскиот јазик, култура и идентитет. Венко Филипче и СДС за власт, за амнестија од криминалите, за да можат да ја крадат државата и за моќ, за само еден ден би ја продале државата и око нема да им трепне“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Пред само неколку дена, лидерот на СДСМ го повика премиерот да се обединат околу уставните измени, а потоа заеднички да ја споделат одговорноста за тој чин, со образложение дека ЕУ ја отвора вратата за проширување и шансата не смее да се пропушти. Клучниот услов за Македонија е внесување на малцинствата во Уставот.
Петар Догов











