Три недели по трагедијата во Кочани, премиерот изрази подготвеност да понесе морална одговорност. Зборуваше во свое име, a за неговите колеги од Владата, упати на нивна адреса за одговор.
Работа на обвинителството е дали со тековната истрага за пожарот во „Пулс“ може да бидат опфатени и актуелни функционери и одговорни лица во полицијата и другите институции, вели Мицкоски.
Но, премиерот е дециден дека е потребен „вистински ресет“, осврнувајќи се и на другите трагедии од изминатите години, како што беше тоа случај со модуларната болница во Тетово, автобусот на „Беса Транс“ и Ласкарци.
„Кога веќе зборуваме за објективна истрага и одговорност, тогаш ќе треба и за сите оние случаи коишто во минатото беа набрзина завршени или народски кажано „заташкани“, да ги разгледаме повторно. Ако цените дека треба јас да поднесам оставка од морални причини, јас немам проблем тоа да го сторам“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски од владината говорница денеска му честита на изборот на претседателот на СДСМ.
Венко Филипче вчера го доби легитимитетот од членовите за да ја предводи партијата, по што веднаш потоа даде оценка за Владата дека е најлоша власт што Македонија некогаш ја имала.
„Имаме уште една тешка борба, а тоа е да се бориме против оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, којашто во изминатите 10 месеци само покажа дека ниту знае, ниту умее да се справи со проблемите. Сѐ што кажаа излажаа, не испорачаа ниту едно ветување. Понеспособна влада државава немала никогаш досега“, порача Филипче по победата на внатрепартиските избори во СДСМ.
Филипче пред неколку дена се сретна со Мицкоски за да разговараат за најважните и најактуелни државни прашања и Планот за справување со нефункционалниот систем.
Договорија да формираат заеднички работни групи кои ќе работат на усвојувањето на реформската агенда и првите закони кои треба да стигнат во Собранието, а кои се однесуваат на правосудството, енергетиката и здравството.
Претседателот на Владата денеска кажа дека не само од Филипче, туку очекува конструктивност од сите парламентарни партии.
„Ги чекаме имињата да ги достават од страна на СДСМ, во тие два сектора за реформи во делот на владеењето на правото и делот на енергетиката. Тоа беа двете теми за коишто од страна на Венко Филипче беше изразена желба да учествуваат со свои претставници во изготвување на реформските закони“, додаде Мицкоски.
Филипче минатата недела кажа дека нема да бара парламентарна Анкетна комисија за Кочани, додека не заврши истрагата, иако стои на ставот дека таа се води селективно.
Со тоа, тој негираше дека се откажал од идејата по најавите на власта дека доколку се формира таква комисија, ќе се отворат и старите случаи за модуларната болница, Ласкарци и „Беса транс“.
Петар Догов











