Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

За една година зеленчукот поскап за 46 отсто, Мицкоски се сретна со Дурмиши, одлука за мерки нема

/

пред 450 дена

Сподели преку :

Алармантен скок на цените на зеленчукот. За една година поскап за речиси 50 проценти, објави статистика. Тука влегуваат сите трошоци од производство до продажба. Значителен раст на цените има и кај овошјето од над 20 отсто. Но, од бројките на статистика може да се види дека поскапување има и кај другите производи, млекото, сирењето, јајцата, маслото, мастите, шеќерот.

Засега мерки со кои би се стопирал растот на цените нема. Средба имало, но завршила без одлука. Премиерот Мицкоски, вчера бил кај министерот за економија Дурмиши, но само ги разгледале анализите и разговарале дали има потреба од мерки за превенција од раст на цените и какви. Ова за Телма го соопштија од министерството.

За ова појасна слика ќе има кон крајот на месецот, кога се планира повторно на маса да седнат и синдикатите, владата и работодавачите.

Најверојатно ако се донесат ќе бидат слични на оние со кои и претходно се интервенираше. Според, информациите во игра повторно се ограничување на маржи и наменски кошнички како што беа есенската и новогодишната.

Мицкоски, претходно неколку пати напомена дека мерки за раст на цените ќе има многу скоро. Со оглед на тоа што на почетокот на август ќе бидат распишани и локалните избори од ССМ неколку пати предупредија да се делува побргу затоа што во тој период се ќе биде стопирано.

На економско социјалниот совет, освен за мерки, ќе се разговара и за новата кошничка која ја креира владата откако реагираше за сегашната која ја објавуваат синдикатите со образложение дека во нејзе има спорни работи. Што ќе содржи за сега не се знае, освен дека нема да биде минимална, туку просечна.

Инаку, според последниот извештај на статистика, трошоците за живот за една година пораснале за 4,5 отсто. Планот, пак, на владата е годинава да се заврши со стапка на инфлација од 2,8 проценти.

Ирена Чачкова