Заткулисни игри се провидни, лесно се идентификуваат и препознаваат и најчесто таквите им се удираат од глава на оние кои ги прават, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски прашан за денешната средба со својот коалиционен партнер Арбен Таравари.
Тој најави дека со лидерот на крилото на Алијанса за Албанците (АА) ќе се сретне во владата во 17 часот.
„Тоа ќе биде средба во која што ќе поразговараме со Таравари околу актуелните политички случувања. Што се однесува до тековните негови активности, како член на Владата, ние речиси секојдневно комуницираме. Тоа е неизбежен дел. Но, генерално би сакал да слушнам како размислува во делот на последните случувања кои се познати во јавноста. По мене има две опции за избор, едната е оваа која ја нуди оваа Влада, втората е онаа која години наназад, би рекол повеќе од две децении, ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ја клекна државата и граѓаните. Тоа е изборот, нема трета опција“, порача Мицкоски.











