Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Мицкоски за студентите кои протестираат: Правници кои кршат закони

/

пред 137 дена

Сподели преку :

Правници кои кршат закони. Вака премиерот ги нарече студентите Албанци кои завчера по вторпат протестираа за да им се дозволи да полагаат правосуден испит на албански јазик. Не сакаше да ја коментира тепачката што тогаш се случи.

„Мене лично ми пречи што демонстрантите коишто практично се правници, коишто се борат за право, го прекршуваат законот, да речеме Законот за знамињата, Законот за државната химна, Уставот и така натаму. Навредите нема да ги коментирам, тоа е, сепак, домашно воспитување што во првите седум години од од животот се стекнува. Нема да го коментирам ниту инцидентот, насилен, којшто се случи. Нема да ги коментирам ни надворешните мешања во внатрешните работи на Македонија на некои надворешни фактори. Тоа веќе го оставаме како фолклор. ​Но, она на кое што ние како Влада во моментов го работиме е да се обезбеди трајно решение со кое што овој, но и низа други проблеми коишто ги наследивме од минатото, ќе бидат решени, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

На протестот, студентите, покрај транспарентите со пораки, во рацете држеа и албански знамиња, а можеше да се забележи и американското знаме. Поради нарушување на јавниот ред и мир беа приведени три лица. Како што соопштија медиумите, дел од учесниците на протестот пристигнале од Приштина.

Мицкоски најави дека законот што ќе биде наскоро подготвен, ќе биде испратен за мислење до Венецијанската комисија. Ги критикуваше ДУИ дека имале две децении да ги решат овие прашања, наместо да се богатат на сметка на политичките позиции и јавните интереси.

Во врска со најавениот митинг во Куманово за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ, рече дека апсолутно не поддржува надворешно мешање во внатрешните политики на Македонија и нема намера да се меша во внатрешните и независни политики на која било држава.

Деновиве на социјалните мрежи беше објавен повик за „народен собир“ во Куманово на 23 мај, пред Српскиот конзулат, под слоганот „Србија победува“, со поддршка за српскиот претседател Александар Вучиќ. На плакатите стои порака: „Дојдете да ја поддржиме нашата матица, нашиот претседател, нашата иднина“.

Далиборка Демјанска Цветановска