Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Минималната синдикална кошничка во август поскапа за над 600 денари во однос на јули – граѓаните велат дека немаат пари за многу работи

/

пред 803 дена

Сподели преку :

Минималната кошница само за месец дена се зголеми за 629 денари, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија. За да го преживее месец август едно четиричлено семејство потребни му се 61.199 денари, а доколку имаат изнајмено стан сумата се зголемува на 76.574 денари. Според податоците најмногу од парите, односно 22.317 денари се за храна и пијалаци, а потоа следуваат облека, сметки и образование.

Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека имаат ниски примања и не можат да си дозволат да купат сè што им е потребно. Речиси сите пари ги трошат на храна.

„За многу работи ни недостасуваат пари, ама мора на се по малку да се штеди. Најмногу пари трошам на храна, облека ретко купувам. Сите пари одат за храна за другото тешко“, вели жителка. 

„Не стигаат пари за се. Пензиите ни се ниски. Највеќе пари трошам за зеленчук и овошје, месо многу поретко. Облека не купувам, ја носам таа од младите години“, вели граѓанин.

„Човек ако сака да купи сè што му е потребно не му стигаат. Најмногу пари трошам на храна и лекови бидејќи сум пензионер“, вели жител.

„Цел живот сум бил задоволен и сега ќе бидам. Колку има човек толку ќе троши. Ако човек има повеќе ќе троши повеќе“, заклучува државјанин.

Од ССМ предупредуваат дека трошоците за живот продолжуваат да растат и ги осиромашуваат граѓаните. Решението го гледаат во зголемување на платите. Во моментот ниту две минимални плати не се доволни за преживување на едно четиричлено семејство. Државниот завод за статистика во јули измери инфлација од 3% на годишно ниво.

Тамара Марковска