Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Министерството за правда повторно тргнува по Груевски

/

пред 175 дена

Сподели преку :

Министерството за правда најави дека од утре ќе ја започне постапката за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски во земјава.

Македонија досега поднела едно барање за екстрадиција на Груевски во 2018, како и дополнување на барањето во 2019, но Будимпешта го одби со образложение дека на Груевски му е одобрен азил, а согласно унгарските закони, човек кој добил азил во Унгарија, не може да биде екстрадиран во државата од која избегал.

По падот на Виктор Орбан, победникот на изборите во Унгарија Петер Маѓар навести можно укинување на азилот за Груевски, па со тоа ја отвори вратата за можна екстрадиција.

Министерството за правда вели дека ги презема сите мерки да ги обезбеди потребните документи.

  • „Во текот на утрешниот ден ќе биде доставено барање до надлежните судски органи и обвинителства и ќе се побараат потребните списи за сите предмети поврзани со лицето Никола Груевски. Откако од надлежните органи ќе ги добиеме потребните документи, Министерството за правда ќе постапи согласно позитивните законски прописи“, соопшти Министерството за правда.

Досие Груевски – три пресуди го чекаат во Скопје, има фирма и азил во Будимпешта, на црна листа е во Вашингтон

Во изминатите години, речиси секој министер за правда најавуваше барања за екстрадиција на Груевски.

Во 2022, Никола Тупанчевски соопшти дека се разгледува ново барање за екстрадиција на Груевски, а во 2023 Кренар Лога најави ново барање за екстрадиција, но единственото го поднела Рената Десковска.

Сепак, и покрај најавите од Маѓар, постапката за одземање на правото на азил и можната екстрадиција од Унгарија е сложена.

Груевски доби азил врз база на проценка дека бил жртва на политички прогон и оти безбедноста во земјава му била загрозена. Азилот може да му се укине само ако се процени дека веќе не постои ризик за безбедноста или од политички прогон.

Азилот може да му го укине Генералниот директорат за странци кој е под унгарското Министерство за внатрешни работи, но тој потоа има право на жалба пред унгарските судови.

Груевски има три пресуди во македонските судови, а два случаи се во тек.

Срѓан Стојанчов

Б.С.