Руската ракета која беше соборена од украинската одбрана и која падна во селото Наславцеа на северот на Молдавија, предизвикала само материјална штета на неколку приватни имоти, но жртви во инцидентот нема.
Локалните жители раскажуваат за моментот на експлозијата од која настрадале покривите на неколку куќи, а од силниот ударен бран биле искршени прозорците на голем број објекти.
Молдавското министерство за внатрешни работи соопшти дека надлежните го опколиле местото за да го документираат инцидентот и штетата, но и да преземат мерки во насока на заштита на локалното население.
Според информациите на украинските власти мета на нападот била браната на хидроцентралата Днестар која е на оддалеченост од 10 километри од молдавскиот град, но за среќа проектилите не го погодиле објектот.











