Франција е разочарана од трговскиот договор меѓу Европската Унија (ЕУ) и САД и ја повика Европа да заземе поцврст став за време на претстојните преговори за негово спроведување. Премиерот Франсоа Бајру изрази жалење за, како што го нарече, „мрачниот ден за Европа која се согласи да се покори“.
„Мрачен е денот кога сојузот на слободни народи, обединети да наметнат свои вредности и ги бранат своите интереси, да се помират со покорување“, напиша Бајру на Икс.

„Овој договор не треба да биде крај на приказната, бидејќи тоа едноставно би значело дека сме ослабени. Ова не смее да биде крај“, нагласи францускиот министер за надворешна трговија, Лоран Сен Мартин за радио „ФрансИнтер“. Тој додаде дека „сега почнуваат технички преговори“ и оти „приликата може да ја искористиме за да зајакнеме“.
Иако Париз признава дека договорот ќе донесе „стабилност“ за компаниите, посебен акцент се става на неговата „неурамнотежена“ природа, како што рече Сен Мартин, израз што го употребија и министерот за индустрија и енергетика, Марк Ферачи и министерот за Европа, Бенјамин Хадад.
Европските преговарачи ќе мора да ги употребат „сите алати кои им стојат на располагање“, меѓу нив и инструментот за трговска заштита на ЕУ од економска присила кој, на пример, овозможува ограничен пристап на американски компании на европските пазари за јавни набавки, истакна Ферачи.
Меѓу претставниците на француските компании владеат помешани чувства.
„Од една страна постои олеснување, бидејќи овој договор овозможува транспарентност. Истовремено, овој договор за нас не е добар, едноставно бидејќи во јануари имавме 0 отсто царини на извоз во САД, а сега ќе бидеме на 15 отсто“, изјави Емануел Гишар, главен претставник на Здужението на козметички компании, за АФП.
Чувство на олеснување владее во воздухопловната индустрија која има корист од исклучоци. Француското Здружение на воздухопловна и вселенска индустрија (ГИФАС) го поздрави исклучоците, бидејќи „се добри за урамнотежена индустрија меѓу Франција и САД“, а ќе влијаат и на „одржување на квалификувана работна сила во Франција на сите нивоа на синџирите на подизведувачи“.
Позитивни впечатоци се очекуваат и во индустријата на жестоки алкохолни пијалоци, но француското Здружение на извозници на вино и жестоки пијалоци се воздржува од коментари во оваа фаза, бидејќи не е запознато со детали од договорот.











