Потписите што денеска ги ставија министерот за надворешни работи и државниот секретар на Обединетото Кралство,Дејвид Лами, ќе овозможат да стартува реализацијата на стратешкиот договор „влада со влада“, потпишан во мај. Декларацијата е политичкиот дел од договорот кој навлегува во сите сфери, се надоврзува на неодамна потпишаните спогодби и има за цел да ги унапреди стратешките односи меѓу двете земји.
„Декларацијата сама по себе е клучниот документ помеѓу двете држави, кој што овозможува соработка на највисоко ниво, политичка соработка, соработка во делот на одбраната и безбедноста и меѓу другото овозможува реализација на договорот – влада со влада, потпишан помеѓу двете држави, бидејќи самата декларација навлегува во делот на соработката од областа на трговијата, на економијата, на заедничките инвестиции“ – изјави за Телма, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Муцунски и Лами потпишаа и дека ја прифаќаат важноста од заедничкото справување со европските предизвици.
Приоритетни области во кои ќе соработуваат двете влади се одбраната, надворешната политика, безбедноста и правдата. Со декларацијата е опфатена и ранливоста на границата и проблемот со мигрантите.
Министерот повторно ги отфрли шпекулациите дека со договорот Македонија се обврзала да ги прими мигрантите на кои Обединетото Кралство не им дало азил.
„Апсолутно такво нешто нема. Ниту имаше дискусија за такво нешто, тука во Обединетото Кралство во рамки на мојата посета. Да, зборувавме за заедничките предизвици кои што ги има Европа во делот на миграцијата и што ќе правиме да се справиме со миграционите проблеми, но ништо конкретно немаше од гледна точка за тие лажни вести кои што за жал беа подолг период планирани во јавноста. “ – рече Муцунски
За време на посетата, министерот денеска се сретна и со членовите на парламентарната група за соработка со македонскиот Парламент, донираше научни книги за Универзитетската библиотека,дискутираше за евроатлантската безбедност и улогата на Македонија во регионалната стабилност и ги претстави економските потенцијали и можностите за инвестирање во државата.
Далиборка Демјанска Цветановска











