Руската безбедносна служба уапси 29 годишен Узбекистанец, обвинувајќи го дека по налог на Киев го извршил вчерашниот атентат врз командантот на руските нуклеарни. Хемиски и биолошки сили, Генерал Полковник Игор Кирилов во Москва.
Руските власти засега не го објавуваат неговиот идентитет, додека пак Украина уште вчера соопшти дека нејзините служби го организирале атентатот, тврдејќи дека Кирилов бил легитимна цел затоа што извршил воени злосторства одобрувајќи ја употребата на хемиско оружје во земјата.
- „По нивни инструкции пристигнал во Москва и му била дадена импровизирана експлозивна направа. Таа ја поставил на електричен скутер, кој го паркирал пред влезот на станбената зграда каде живеел Игор Кирилов“ – Светлана Петренко – член на Комисијата за истраги.
За да може да врши надзор врз објектот, Узбекистанецот изнајмил возило, кое го паркирал со чист поглед кон влезот на зградата, и во него поставил камера.
- „Снимката ја добивале во живо организаторите на терористичкиот напад, кои се наоѓале во градот Дњепар. По добивањето на видео сигналот дека војниците ја напуштаат зградата, тој далечински го активирал експлозивот“ – Светлана Петренко – член на Комисијата за истраги.
Кирилов е највисокиот армиски офицер убиен на руска територија од почетокот на војната во Украина пред без малку 3 години. Ден пред да биде ликвидиран пред неговиот дом, Украина официјално го обвини за масовна употреба на забранети хемиски оружја. Украинската безбедносна служба тврди дека од почетокот на војната до сега Русија употребила хемиски оружја дури 4.800 пати, што Москва категорично го негира тоа и инсистира дека последните залихи на хемиско оружје ги уништила уште во 2017 година.
Игор Трајков











