Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Националната галерија без можност да ја реализира својата визија за спомен куќата на Лазар Личеноски

/

пред 1415 дена

Сподели преку :

Националната галерија, и покрај сите напори во моментов, нема можност во целост да ја реализира својата визија за спомен куќата на Лазар Личеноски и истата да биде достапна за јавноста според проектниот концепт за обнова. Според директорката Дита Старова Ќерими, средствата кои ги определи Министерството за култура во годишната програма се значајни, но не и доволни. Направени се зафати  во границите на буџетот со кој располагаат, но потребни се уште 16 милиони денари за фазата внатрешна и надворешна архитектура, вели Старова Ќерими.

„Секој ќе праша зошто е оваа сума голема, но знаеме доаѓаат различни кризи, а културното наследство не прашува за кризи, туку за сила која ќе биде способна да го негува тој дух и да најдеме сили од сродните институции да размислуваме за овие дела“, изјави Дита Старова- Ќерими, директорка на Национална Галерија.

Дополнителен проблем е и недостигот на стручен кадар за реставрација на штафелајното сликарство, недостигот на соодветни депоа и конзерваторска лабораторија.

Доколку се има предвид соработката на Европската куќа со Националната галерија, Старова Ќерими и евроамбасадорот Дејвид Гир со надеж дека таа ќе биде иницијална каписла за сродните институции, дипломатските претставништва и бизнис елитата да дадат своја поддршка.

„Од гледиште на делегацијата се надеваме дека кога работиме со Дита Старова Ќерими и Министерството за култура дека ќе оди напред оваа соработка со меѓународната заедница и да се внесе малку динамика во овој процес“, вели Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ.

Проектот  за обнова на куќата е изготвен 2016 година, а дури по четири години започнаа работите на терен. До сега е завршена фазата водовод и канализација. Во завршна фаза е електриката. Завршена е реставрацијата на збирката мозаици, а допрва ќе се реставрираат сликите, библиотечната и етнолошката збирка. Според Конзерваторскиот центар допрва ќе се работи на санирање на влагата. Куќата на Личеноски е изградена во 1963 година, а отворањето за јавноста е исполнување на желбата на сопругата на уметникот, таа да биде музеј.

Нина Стефанова