Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Најголем интерес за медицински факултет, се гледа како виза за Европа – заврши првиот рок за упис на УКИМ

/

пред 424 дена

Сподели преку :

Општата медицина и годинава е најатрактивната студиска програма на универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ). Интересот за медицинскиот факултет традиционално е огромен, а тоа го потврдуваат и бројките од првиот уписен рок. Конкуренцијата е голема, а средношколците велат медицината за нив е предизвик но и можност за сигурна иднина. Според деканот, квалитетот на средношколците кои конкурираат е многу поголем во споредба со минатите години.

„До вчера, иако и денес трае уписот, на програмата за општа медицина имаат конкурирано 428 средношколци, а примаме само 200. Таа програма сигурно ќе биде пополнета во првиот уписен рок. Претпоставувам дека ќе има слободни места и ќе организираме втор уписен рок во тригодишни стручни студии за медицински сестри, ренген техничари, лаборанти и др. Меѓутоа и таму интересот е голем“, изјави проф. д-р Светозар Антовиќ, декан на медицинскиот факултет. 

Кандидатите со кои разговаравме ни појаснија зошто ова е нивниот избор.

,,Целиот живот бев заинтересирана за медицината и начинот на кој работи човековиот организам“, рече една средношколка.  

„Ме интересираше човечкото тело, како функционира, како мисли, како се движи. Ми беше интересно и мислам дека можам да помогнам на луѓето“, вели друга. 

„Сакам логопедија, сакам деца, се надевам дека со тоа ќе можам да им помогнам“, истакна трета. 

Поради високото ниво на невработеност, квалитетот на образование и други фактори, неодамна од невладината организација Хера алармираа дека младите се принудени да бараат перспектива надвор од сопствената држава. А дел од нив веќе и размислуваат каде ќе ја градат својата кариера – во Македонија или во странство.

Анкета

  • „Странство. Мислам дека подобри се можностите таму“.
  • „Воглавно гледам иднина во Македонија. Ако имам опција, би одел и странство, но би сакал да се базирам во Македонија“, 
  • „Во странство, бидејки повеќе ме влече таму да одам“, 

Првиот уписен рок на УКИМ завршува денес. Во првиот ден од уписниот рок од 9.719 слободни места, документи поднеле 3.442 кандидати, а во електронскиот систем се пријавиле 5.122 кандидати. Како и минатите години, студентите најмногу се заинтересирани за информатичките науки, за економијата и за медицината. Од УКИМ велат дека има зголемен интерес и за други студии.

„Зголемен интерес годинава има и за студиските програми на Архитектонскиот факултет, на Градежниот, на Факултетот за електротехника и информациски технологии и Правниот факултет „Јустинијан Први“. Исто така, оваа година значително е зголемен интересот за упис на УКИМ на странските студенти за кои уписниот рок е во тек и ќе трае до крајот на септември’’, велат од УКИМ.

Аплицирањето на документи се одвива преку електронскиот систем iKnow. Но, и заради проверка на веродостојноста на податоците, кандидатите треба да донесат и оригинални документи.

Марија Коцева