Најмалку 103 луѓе се убиени, а 141 лице е рането во напад што се случи во близина на гробишта во Иран, додека се одбележуваа четири години од смртта на поранешниот воен командант, Касим Сулејмани кој беше убиен во напад со американски беспилотни летала во 2020 година, јавија иранските државни медиуми.
Сулејмани беше командант на иранските елитни сили Кудс и архитект на иранските воени операции на Блискиот Исток. Соединетите Американски Држави го ликвидираа во јануари во 2020 година во Ирак.
Според иранската државна телевизија, во денешниот напад се случиле две експлозии во близина на џамијата Сахеб ал-Заман, во југоисточниот град Керман, каде се наоѓа гробницата на Сулејмани.
Заменик гувернерот на провинцијата Керман, Рахман Јалали рече дека експлозиите се „терористички напад“.
Новинаската агенција ИСНА го цитира градоначалникот на Керман, Саед Табризи кој рече дека бомбите експлодирале во временски период од 10 минути.
Врховниот водач, Ајатолахот Али Хамнеи го нарече Сулејмани дека е „жив маченик“. Сулејмани во иранската јавност важеше за херој поради улогите што ги имаше во поразот на џихадистичката група Исламска Држава во Сирија и во Ирак.
Иранскиот министер за внатрешни работи, Ахмад Вахиди рече дека безбедносните власти ќе реагираат „брзо, силно и одлучно“ по денешните бомбашки напади.











