Најмалку 12 луѓе загинаа, а повеќе се повредени откако руски дрон погоди автобус што превезувал рудари во југоисточната Дњепропетровска област во Украина, соопштија локалните власти.
Во истовреме руски беспилотни летала погодија породилиште во јужна Украина во недела наутро, објави украинската служба за итни случаи.
Во објава на Телеграм, се вели дека во нападот се повредени три жени во болницата во градот Запорожје, а исто така предизвикал и пожар во рецепцијата на гинекологијата, кој подоцна бил изгаснат. Шефот на регионалната администрација, Иван Федоров, подоцна изјави дека бројот на повредени се искачил на шест.

Пред неколку дена, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Путин се согласил привремено да го запре таргетирањето на украинскиот главен град и другите градови, бидејќи регионот страда од ниски температури што им донесоа широки тешкотии на Украинците.
Кремљ потврди во петокот дека се согласил да го одложи нападот врз Киев до недела, но одби да открие какви било детали, што го отежнува независната проценка дали помирувачкиот чекор навистина бил преземен.

Во изминатата недела, Русија погоди делови од енергетскиот систем во јужниот украински град Одеса и во Харков на североисток. Исто така, го погоди и регионот на Киев во среда, при што загинаа две лица, а четворица беа повредени.
Синоќа Русија лансираше 90 борбени дронови, од кои 14 погодија девет локации, соопштија украинските воздухопловни сили во објава на Телеграм.
Б.С.











