Стефан Метјуз, поранешен кардиолог од американската сојузна држава Колорадо, е осуден на 158 години затвор, откако беше прогласен за виновен за низа сторени злосторства врз десетина жени.
Во периодот од 2019 година до 2023 година, тој дрогирал и сексуално напаѓал жени кои ги запознавал преку апликации како Тиндер и Хинге. Неговите злодела излегоа на површина, кога една од жртвите пријавила дека била нападната по заедничко излегување, што охрабри и други да го следат нејзиниот пример.
Поротата во август утврди дека Метјуз носел жени во неговиот дом во западен Денвер, каде им ставал дрога во пијалокот. Многу од жртвите посведочиле дека имаат фрагментирани сеќавања на настаните по консумирање на пијалоците. Некои, пак, се разбудиле кога сфатиле дека Метјуз сексуално ги напаѓа.
За време на судењето во јули оваа година, 11 жртви ги опишаа последиците кои ги претрпеле, вклучувајќи и губење свест и симптоми на посттрауматско стресно пореметување. Судијата Ерик Џонсон ја истакна опасноста од Метјуз по општеството, додека државниот обвинител Бет Мекен ја пофали храброста на жртвите кои придонеле за правдата.











