Не бев тепана еднаш, бев тепана неколку пати од сопругот. Пријавував во полиција, мислев дека ќе се смири, дека нема да биде отолку агресивен, дека ќе сака да оди на лекување, меѓутоа не сакаше, сведочи мајка на две малолетни деца, жртва на семејно насилство, во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма.
„За време на работа, за некревање на телефон, кога ќе се вратев од работа, бев тепана од сопругот и лишувана од слобода, заклучувана. Утредента измислив дека одам на работа. Со ќерката во раце, како да ја носам во градинка, успеав да избегам и да отидам во полициска станица „Пролет“ да го пријавам настанот и да ме спроведат секаде каде што треба, по институции“, раскажува жртвата за моментот на заминување од дома и пријавување на семејното насилство што го трпела.
Таа вели дека потоа и било многу тешко, бидејќи, како што вели, „избегала со едното, помалото, дете“.
„Поголемото дете остана во куќата. Со социјалните служби, не успеавме никако да го земеме детето. Моравме преку асистенција, преку налог од судијка, да си го земам малолетното дете по три месеци. Тоа за него беше многу голем шок, 11 луѓе да влезат во куќата и да го земат, беше стварно преголем шок“, вели жртвата.
Таа вели дека била принудена на такво нешто, иако не сакала, бидејќи таткото одбивал да го предаде на службите.











