Државниот инспекторат за труд донесе решение за забрана за работа за седум фирми кои не ги почитувале препораките и на чии градежни објекти биле затекнати работници на високи температури над 40-от степен. Доколку фирмите не го почитуваат решението, следна фаза е издавање на прекршочни платни налози.
„Констатирано е дека се изречени во градовите Неготино – 2, во Кавадарци -1, во Берово – 1, во Скопје – 2 и во Прилеп – 1. Што подразбира решение забрана за работа? – Тоа подразбира дека работодавачите од 11 до 17 часот извршувале активности на отворено и инспекторите донеле решение за забрана за работа. По одреден период е извршен контролен инспекциски надзор и констатирано е дека е постапено по нашето решение забрана за работа, работниците се ослободени од работни односи и не е затекнат ниту еден работник на градежан објект“, изјави Аднан Демир, раководител на Сектор за работни односи.
Во моментов во Државниот инспекторат за труд се ангажирани 123 инспектори, но дали е тоа доволно?
„За жал не е доволно, имаме поголема потреба од инспектори. Се случува како сега во летниот период, дел од инспекторите да се на годишни одмори, дел се во категоријата над 60 години и тие се ослободени од работни обврски, значи имаме потреба од поголем број“, додава Демир.
Во текот на вчерашниот ден се извршени вкупно 139 инспекциски надзори од кои 118 се вонредни и 21 контролен инспекциски надзор. Воедно при извршување на вонредните надзори се изречени 21 инспекциска мерка.
Земјава и во наредните денови ќе биде во портокалова фаза со тоа продолжуваат и контролите на Државниот инспекторат за труд.
Нина Стефанова











