Првата димензија на Балансерот околу која се води 99 отсто од дебатата, особено кај албанскиот дел од општеството, е дневно-политичката, истакна политичкиот аналитичар, Бесим Небиу во вечерашното издание на „Вин-Вин“ на Телма ТВ. Дневниот-политичкио аспект, според него, е неизбежен во овој момент, бидејќи е резултат на настапот на политичките партии.
„Прашањето на Балансерот и прашањето на етничката застапеност беше дел од изборната кампања. Една партија, односно партијата која згази на овие избори, ВМРО-ДПМНЕ имаше ветување во својата изборна програма дека ќе го укине Балансерот, со цел да го внесе Мерит системот. Вчерашната одлука на Уставниот суд се надоврзува на тој контекст, ја храни таа дебата. И реакцијата на ДУИ е дел од таа дебата“, смета Небиу.
Другите две димензии, рече тој, е каква држава, какво оштество сакаме да имаме.
„Дали сакаме да имаме општество и држава во кои праведноста е вредност? – Да не мора да ја вежбаме и воигруваме, туку да се случува автоматски, како во некои други општества, пришто нема да ни треба алатка, нема да ни треба софтвер. Ќе ни требаат одредени контролни механизми, меѓутоа системот сам по себе ќе ја произведува праведноста“, порача Небиу.
Третата димензија, според него, е техничко-стручна дебата која што го има правниот аспект, што е, како што вели, „интерпретација на одлуката на Уставниот суд.
„И тука имаме проблем. Имаме два процента доверба во судство. Невозможно е да не коментираме правни одлуки при таква ситуација. И техничкиот, стручниот дел, како се балансираат, како се спроведува праведноста во пракса во едно општество, во една држава кои се позрели демократии од нашата. Бидејќи ова не е оригинален проблем со кој ние се судираме, ниту пак е проблем кој претставува толку голем баласт“, вели Небиу.
Тој додаде дека Балансерот е воведен во 2015 година, во момент во кој процентот на Албанци во администрацијата бил 19,6 проценти, во 2022 година – 21,4 проценти.
„И пред балансерот се случувало балансирање по етничка линија во системот. Во 2007 година бил 10 проценти, пред 2001 година е уште помал. Ако ги гледаме бројките, динамиката е помала. Денешната ситуација, дури може да кажеме, не е директен резултат на балансерот. Укинувањето на балансерот не доведува до Мерит. Укинувањето на партиските агенции за вработување, HR агенциите кои што постојат во партиските штабови и кои што вработуваат партиски кадар на државни позиции, во три партии во овие 25 години. Тоа се ВМРО-ДПМНЕ, во СДСМ и во ДУИ. Укинувањето на тој модус ќе доведе до Мерит систем, а не укинувањето на балансерот. Мал е бројот на луѓе кои денеска работат во јавната администрација, а кои успеале да дојдат до таа работа без врски, без јавување на телефон, без учество во партиски или предизборни активности“, истакна Небиу.











