Тешки кражби, загрозување со опасно оружје, напад на службено лице – досието на Стојанче Јовановски покажува сериозна историја на кривични дела во изминатите десет години. На насилникот од Карпош му беше определен 48 часовен притвор. По падот од 6 ти кат во кој загинаа неговата сопруга и детето на товар му се става и делото наведување за сторување на самоубиство, нанесување на телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Недостатоци и неправилности се нотирани кај Центарот за социјални работи Скопје во постапката за развод и за семејно насилство по смртта на Ивана и нејзината ќерка по пад од балкон во општина Карпош.
Ивана пред половина година поднела барање за развод од сопругот Стојанче Јовановски кое било регистрирано во Центарот, а во февруари добиле и допис од МВР за физички напад кој се случил во декември.
Пријава за семејно насилство претходела на кобниот ден, а Јовановски сега е во 48 часовен притвор.
Министерство за социјална политика, демографија и млади: „При надзорот, утврдени се недостатоци и неправилности во постапувањето на Центарот, за што се води соодветна постапка и изрекување на инспекциски мерки во согласност со Законот. Во натамошниот тек на инспекциската постапка, ќе се преземат соодветни активности од страна на инспекторите, во согласност со Законот.“
Јовановски има дебело судско досие. Неколку пресуди за тешки кражби, загрозување со опасно орудие при тепачка или караница, насилство и напад на службено лице.
Најмалку една деценија има историја на кривични дела и пресуди против него во судскиот портал. Првата пресуда до која дојде Телма датира од декември 2017 година, а делото било сторено 2015 година. Осуден е во отсуство на затвор од две и пол години.
Провалил во студио за тетовирање заедно со уште едно дете и украле предмети вредни речиси 4.800 евра. Во меѓувреме неколку месеци подоцна во март 2018 година повторно во отуство е осуден на 2 години затвор за кражба на велосипед. Откако Јовановски се појавил и барал повторување на постапките за двете пресуди за да му се суди во присуство, признал вина и добил условни казни.
Дебело судско досие има Јовановски, кој заврши во притвор за семејно насилство
Во 2019 година пак му се судело за загрозување со опасно орудие при тепачка или караница. Во градски парк со нож се обидел да повреди момче со кој имал нарушени односи. Добил условна осуда, со утврдена казна затвор од 3-месеци, која нема да се изврши доколку во рок од 2 години не стори ново кривично дело. Тогаш не бил во брак и со сега починатата Ивана го очекувал раѓањето на нивното дете.
Во оваа пресуда се спомнува дека е осудуван и во 2016 година за одземање на моторно возило. Но, оваа пресуда не можевме да ја пронајдеме. Јовановски повторно се нашол во суд.
Две правосилни пресуди има против него за напад на службено лице при вршење работи на безбедност со парична казна од 150 евра и на условна осуда за насилство со заштитен надзор од 1 и пол година затвор која казна нема да се реализира доколку во следните 4 години не стори ново кривично дело. Двете пресуди се потврдени од Апелациониот суд.
Од судот потврдуваат дека во важечка евиденција се само овие две правосилни пресуди за напад на службено лице и за насилство. Останатите се избришани од евиденција бидејќи имало законски основ за тоа.
Од обвинителството потврдија и дека на крајот на минатата година бил и фатен со 19 грама марихуана и 7 грама амфетамини во багажникот на неговиот автомобил, а биле побарани мерки на претпазливост кои се уште се на сила.
На Јовановски сега му се ставаат на товар и наведување за сторување на самоубиство, нанесување на телесни повреди поврзани со семејно насилство и загрозвување на сигурноста.
Марија Митевска
Б.С.











