„Ти го зеде моето дете, јас ќе го земам твоето!“ Ова е само една од многуте закани кои ги добиваат социјалните работници поради нивната работа. Навредите упатени кон нив сè уште почести.
Вработените во тетовскиот Центар за социјална работа велат дека често се изложени на висок ризик при непосреден увид во домовите, кога доаѓаат да им помогнат на жртвите на семејно насилство. Стануваат мета на насилниците, кои неретко се агресивни или под дејство на наркотици.
„Секогаш во нашата социјална работа, како стручен тим, го применуваме принципот „помош до самопомош“. Значи помогни ѝ на странката, на жртвата, заштити ги нејзините права и интереси, која што е жртва во висок ризик, меѓутоа бидејќи и ние како стручни лица сме во висок ризик, некогаш сме и жртви на насилство. Секогаш поаѓаме од тоа „помош до самопомош“, изјави Радица Перинска, социјален работник во Центар за социјална работа Тетово.
Поради континуирана изложеност на трауматични ситуации и сведоштва на жртвите, настанува емоционална исцрпеност кај стручните лица, а дополнително оптоварување е тоа што се дел и од интервентниот тим, кој работи 24/7.
„Предизвикување на секундарна траума, што стручните лица вработени во сите центри за социјална работа имаат потреба за супервизија за полесно да ги надминат нивните потешкотии кои ги доживеале поради изложеноста, што често доведува до полесно согорување. Поради големиот обем на случаи, често има проблем помеѓу приватниот и професионалниот живот“, изјави Небахат Имери, психолог во Центар за социјална работа Тетово.
Во недостаток на шелтер центар во Тетово, проблем е да најдат безбедно место за престој на жртвите, а ако има деца се соочуваат и со потешкотии, за тие да бидат вклучени во образовниот процес.
„Мораме да ги носиме и во други градови, што е голем проблем од наша надлежност. Многу ретко се искористува можноста за отстранување на сторителот од домот што е во надлежност на другите институции. Предизвик голем претставува често спроведувањето и извршувањето на итните и привремените мерки за заштита“, изјава Светлана Стаматоска, правник во Центар за социјална работа Тетово
„Ако жртвата има машко дете над 14 години, при сместувањето во шелтер центрите не е прифатено и заради тоа ја принудува жртвата да се врати во насилната средина, каде живеела со сторителот на семејно насилство. Доколку децата се на училишна возраст проблем претставува и следењето на наставниот процес, што исто така го отежнува престојот во шелтрите на тие деца“, изјава Зура Етеми, педагог во Центар за социјална работа Тетово.
Во деновите кога се спроведува кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени и девојки“ препораките на социјалните работници се – да бидат третирани како службени лица, а не даватели на услуги, воведување психолошка помош и дополнителни обуки за нив, зголемување на бројот на професионалци и обезбедување повеќе ресурси, јасни протоколи и поголема меѓуинституционална соработка.
Данијела Билбилоска











