Сè уште нема одговорност за лекарските пропусти што ги констатираше стручната Комисија при лекување на 14-месечното бебе кое почина од бронхопневмонија. Надлежните меѓусебно си ја префрлаат топката кој треба да изрече соодветни мерки за грешките. Откако го разгледаа извештајот на Комисјата, од Лекарската комора соопштија дека се загрижени за системските слабости на Детската клиника и болницата Козле и се оградија за стручните пропусти. Наведуваат дека според Законот за здравствена заштита можат да постапуваат само врз основа на решение донесено од Министерот за здравство, но не и самоиницијативно да утврдуваат мерки.
„Во конкретниот случај вакво решение досега не е доставено до Комората, а Комората нема законска можност самоиницијативно да пристапи кон утврдување на индивидуална одговорност и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај. Лекарска комора ќе постапи веднаш, согласно своите надлежности и ингеренции, штом добие Решение од министерот за здравство со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност и ќе се предложат конкретни мерки согласно законските прописи“, се наведува во соопштението од Лекарската комора.
Инаку, Комисијата за стручен надзор на Министерството за здравство констатираше дека задоцнила кислородната поддршка и направен е превид во проценката за хоспитализација во случајот со 14-месечното бебе, а утврди и низа системски и технички слабости.
Министерот Арбен Таравари вчера кажа дека не е ниту судија, ниту обвинител за да казнува, но за лекарските грешки што ги утврди Комисијата, очекува директорите на здравствените установи да преземат мерки. Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди денеска кусо одговори дека ќе ги извести медиумите кога ќе има што да каже. Од болницата Козле деновиве преку соопштение го изнесоа ставот дека кај нив не е направен пропусут.
Емилија Мисирлиевски











