Родителите на првачињата наместо да се радуваат при уписот на нивните деца во училиште, тие се занимаваат со толкување на закони, но и начини како да го избегнат почитувањето на реонизацијата. Во Штип одредни родители почнале и со промена на адресите за живеење, со цел нивните деца да не се запишат во училиштето „Гоце Делчев“, туку од 1 септември да седнат во училишните клупи на друго училиште.
Токму непочитувањето на реонизацијата при упис на првачињата донесе и неколку тужби за сегрегација пред македонските судови и во Стразбур. Едно од тужените училишта е штипското „Гоце Делчев“, во кое има најмногу барања за трансфер на првачињата во други училишта. Во оваа училиште има чисти ромски паралелки, и по ова постапува и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Дискриминација има, но не по вина на раководството на училиштето. Ова е првото модерно и дигитализирано училиште, единствено со целодневна настава и со квалитетен наставен кадар во Штип. Тужбите кон училиштето, општината, но и кон државните институции се и причината што оваа година штипската локална власт бара доселедно да се почитува реонизацијата за првачињата.
По претставка и Комисијата за заштита од дискриминација во февруари годинава донесе и општа препорака реонизацијата во сите општини строго да се почитува, директорите да не ги потпишуваат барањата на родителите, а МОН да ги зајакне критериумите за префлање од едно во друго училиште.
Викторија Димитрова Јованова











