Една од најголемите слабости на јавното здравство е правилното менаџирање со здравствените установи, а резултатите изостануваат затоа што директорите се занимаваат со вработувања, набавки и тендери, велат експертите по менаџмент.
- „Основно е да се сфати дека менаџментот е пред се одговорност и отчетност, а не права на вработување и распишување на тендери. Тоа е клучниот проблем во нашето општество во здравствениот менаџмент. Има неколку директори што одговарале, но за криминал, а не за остварени резултати. Треба да почне да се одговара за неостварени резултати“, вели проф. д-р Цветко Смилевски, универзитетски професор по менаџмент.
Приватното здравство има успех затоа што е ориентирано кон постигнување на зацртаните цели, затоа што во спротивно ќе останат без пациенти. Тоа е она што недостига во јавните здравствени установи
- „Ние приватниците знаеме со малку ресурси да постигнуваме цели и успеси, а јавното здравство има повеќе финансии и достапност до ресурси, но резултатите им недостасуваат, вели д-р Ѓорги Јанев, специјалист по медицина на трудот.
Останува дилемата кој подобро ќе менаџира со една здравствена установа, лекар или професионален менаџер.
- „Ако го изберете лекарот, тој ќе биде насочен кон здравствените услуги, а ко го изберете менаџерот тој ќе биде насочен кон менаџирање на ресурсите и организацијата, без да има некои компетенции од здравствените услуги. Јас би рекла дека оној што треба д аја менаџира здравствената организација треба да биде спој меѓу овие две компоненти. Или да биде доктор кој што ќе ги гради менаџерските вештини или д абиде професионален менаџер кој ќе работи заедно со тимот на доктори“, вели проф. д-р Гордана Тасевска, универзитетски професор по човечки ресурси.
На панел дискусијата што се одржа во Битола, експертите по менаџмент и здравствените работници од приватното и јавното здравствени установи разговараа за најголемите предизвици во здравството -недостиг на кадар, финансиски ресурси, технолошки напредок, квалитет на услугите, задоволни пациенти, здравствена едукација и превенција, интеграција на нови системи за здравствена заштита, дополнително здравствено осигурување.
Емилија Мисирлиевски











