Непријатен вкус и мирис на водата за пиење предизвика загриженост кај жителите на Тетово, но од Центарот за јавно здравје смируваат дека истата е безбедна. Вакви промени во квалитетот, што се случуваат неколку години наназад, во есенскиот период, стручните лица ги поврзуваат со гниење на вегетацијата во површинските води што се дел од лешничкиот систем.
Анализите покажуваат дека водата е безбедна, вели доктор Ратко Давидовски.
„Овојпат големо незадоволство и загриженост кај населението, оправдано, затоа што оваа есен со многу поинтензивна промена, пред се на вкусот и на мирисот на водата за пиење. Меѓутоа одговорно можам да кажам дека нема опасност по здравјето на населението. Мирисот и вкусот се субјективна категорија, така што безбедноста на водата редовно се испитува. Водата за пиење е безбедна“ изјави д-р Ратко Давидовски од Центар за јавно здравје Тетово.
Давидовски објаснува дека поинтензивниот непријатен мирис и вкус, кој го има водата годинава, е поради тоа што 50% од лешничката река е вклучена во водоводот, што е зголемување, направено за да се обезбдедат дополнителни количини вода, поради намалена издашност на изворите. За да се превенира ваквата состојба треба да се користи активен јаглен.
„Да се кондиционира мирисот и вкусот само два методи се докажани озонирање и со активен јаглен. Озонирање тешко дека може да се воведе на филтер станицата, меѓутоа филтри со активен јаглен можат да се направат за да не ни се случуваат понатаму вакви работи“ изјави д-р Ратко Давидовски, Центар за јавно здравје Тетово.
Минатите години ваквата состојба се надминуваше со засилено хлорирање, а според досегашните искуства непријатниот мирис и вкус исчезнуваше за неколку дена.
Данијела Билбилоска











