Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Неуспешен е обидот да се рестартира хидросистемот Ѓавато

/

пред 689 дена

Сподели преку :

Наместо вода во Дојранското Езеро, залеани ливади и ниви. Неуспешен е обидот да се рестартира хидросистемот Ѓавато и со него да се прави дотур на вода во езерото, кое во моментов е паднато на околу 80 сантиметри под нивото. Информацијата за Телма ја потврдија вработените во хидросистемот, кои рекоа дека морале да ги запрат трите пумпи поради бројни дефеци на цевководот. На новинарско прашање зошто се пушта во функција системот кога не е во добра состојба и полн е со диви приклучоци, раководителот Јован Попов рече дека допрва ќе се следи каде протекува цевководот и колкави се штетите.

Министерот за животна средина Изет Меџити рече дека доколку реконструкцијата не е прескапа ќе се превидат средства во буџетот за следната година и ќе почне замена на дотраените делови.

По објавената информација дека системот не функционира, пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков, на својот фејсбук профил објави фотографии за кои вели дека се доказ дека каналот што води до езерото намерно е затрупуван. Хидросистемот Ѓавото не работи цели три години, беше изсклучен од функција во екот на енергетската криза, бидејќи стасале сметки за електрична енергија во висина од околу 300 илјади евра за еден месец. Тогаш министерката Шукова уверуваше дека ќе се пушти кога ќе има реална потреба за езерото, но пред тоа ќе мора да се санираат проблематичните места.

Хидросистемот не е обновуван од изградбата, цели 22 години. Почна да работи во 2002 година за спас на Дојранското Езеро, но низ годините вработените апелираа за нередовно одржување и кражба на делови од системот. Исто така, еден од најголемите проблеми се и диви приклучоци преку кои се испумпуваат големи количества вода кои наместо во езерото завршуваат во ниви, пазени и оранжерии.

Државниот инспекторат за животна средина многупати досега го задолжуваше раководителот на хидросистемот, Јован Попов, да  се зафати со отстранување на дивите приклучоци на системот, но без забележителен успех.

Јован Попов е долги години на чело на хидросистемот Ѓавото и е незаменлив функционер. На истата позиција е при промена на најмалку четири владејачки гарнитури, а го преживеа и скандалот што пред шест години го објави Телма, кога вработените пријавија дека тој канцеларијата си ја претпворил во болничка соба и таму си живее, а тие се задолжени да го негуваат.

Сузана Мицева