Во моментот има 213 кривични пријави по разни основи, само во првото тримесечје од оваа година се поднесени 71, меѓутоа само од оперативните тимови на царинската управа, рече Бобан Николовски, директор на Македонската Царина, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Во 2025 година, Одделението за истраги при секторот за контрола и истраги поднесе 213 кривични пријави, што е за пет пати повеќе споредбено со годишниот просек од 2017 до 2024 година. Со иста енеергија продолжуваме и годинава, пришто до овој момент е поднесена 71 кривична пријава до јавните обвинителства. Ова е фрапантен податок кој што кажува дека царинските службеници си ја работат работата онака како што треба“, истакна Николовски.
Основите за кривичните пријави, додаде Николовски, се најразлични.
„Ќе изгубиме половина ден ако почнам да набројувам. Морам да кажам дека имаме добра соработка со другите институции, со Јавното обвинителство, со министерството за внатрешни работи, со Финансиската полиција, со УФР-то… Меѓутоа, особено со јавното обвинителство сметам дека има простор за подобрување. Зошто го потенцирам ова? – Затоа што еден царински случај може да трае и да се изгуби време за работа на него повеќе од година, година и половина. И кога чекаш како царински службеник, а си работел, си изгубил толку време, енергија, волја, желба да стигнеш до нешто, на одредени моменти „ризикуваш живот“. Обвинителството мора да го следи теркот, брзината на завршување на постапките, затоа што може да делува демотивирачки кај царинските службеници додека дојде до разрешница“, додаде Николовски.
С.Д.











