Учениците од основно образование имаат познавања за пари и штедење, но потешко се снаоѓаат со посложени финансиски задачи. Ова го покажува анализата спроведена од Бирото за развој на образование, во која биле анкетирани 3.614 ученици од четврто, седмо и деветто одделение од повеќе региони. Според резултатите само 35% од учениците се финансиски писмени. Поради овие лоши резултати, министерката за образование Јаневска најави дека ќе се воведат повеќе програми со кои тие би ги подобриле знаењата.
„Треба да научат да штедат, да вложуваат, да проценуваат ризик, да знаат на кој начин треба да менаџираат со сопствените средства. Тоа претставува еден сериозен чекор како да го применат знаењето во пракса“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Во истражувањето учествувале и 2.304 родители и 1.201 наставници. 93% од родителите кажале дека разговараат со своите деца за пари, а 97% од наставниците пак кажале дека ова е важна тема, која треба да биде се повеќе присутна во училиште.
„Нашите ученици имаат базично ниво на познавање на финансиска писменост и токму од тие причини се работеше на финансиска анализа. Извештајот ни дава податок во кој правец треба да се движиме. Односно подобрување на знаењето на учениците за да може да носат финансиски одлуки“, објасни Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието.
Според резултатите финансиското образование треба да почне уште од најрана возраст. Поголема едукација во училиштата и разговорите дома се клучни за подобрување на финансиските навики.
Тамара Марковска











